Времеплов


Време: Минато
Место: Твојата улица

Одам по оваа улица од кога можам да се сетам. Тука има чекори од нас како деца. И сега пак...Знам дека ме чекаш. Сега откако се врати личи како само мене да ме чекаш. А јас никогаш посреќна. Ете си, стоиш и ме гледаш како доаѓам. Ги забрзувам чекорите и секогаш како да е прв пат, се бесам околу твојот врат и по тоа колку ме стискаш знам дека и јас сум ти фалела...Таа твоја соба е свет сам за себе. Во овој свет секогаш свири блуз, секогаш има пиво, филмовите секогаш се гледаат само до пола, левата страна од креветот е секогаш моја. Длабоки муабети, планови, блуз и тишина...пак се раздени. Сега пак сум на твојата улица, низ главата ми се сите среќни мисли на светот. И додека чекорам како да лебдам, помислувам: Каде и да сум јас, таму да си и ти...секогаш.


Време: Сегашност
Место: Некаде во мојот ум

Ми кажаа дека доаѓаш...и сега? Замисли си, ќе стоиме како странци...ќе кажуваме дека се знаеме од маало. Каква патетика. Како воопшто мислиш дека ова ќе функционира? Ќе треба да те гледам секој ден, без да сакам ќе знам што правиш, со кого си...Секогаш кога ќе бидам сведок на некоја од твоите за мене добро познати навики, ќе се смешкам во себе како да ја знам најголемата тајна. Па што ако за нив си најдобар? За мене си најлош. Знам и зошто.Бидејќи и покрај мојата тврдоглавост ќе се ежам на твојот глас во позадината. И покрај мојата лутина срценцево ќе ми прескокнува секогаш кога ќе те сретнам во ходник. И ќе се нервирам секогаш кога ќе ми ја довршиш реченицата за да докажеш дека најдобро ме знаеш. Затоа си најлош. Бидејќи твоето присуство обично има моќ да го врати времето. И јас пак ќе ги имам истите прашалници во главата а ти пак ќе ја имаш истата нерешителност поради која и воздухот стануваше тежок кога бевме заедно. Истата таа поради која веќе не сме ништо. А таман се навикнав да поминувам кај тебе на улица без да се надевам дека ќе те сретнам. Таман заборавив кој ме навлече на блуз...Иронијата е што еднаш, одамна, некаде на твојата улица, јас те повикав тука...


No comments:

Post a Comment