Хотел

- Сакам да си одиме дома... - преташе и се бореше во сон, не знаејќи дека го кажува точно она што не сакаше тој да го знае.
- Па дома сме! - одговори тој насмеан, мислејќи колку е слатка кога зборува во сон. Повторно е преморена - си помисли.
- Не, не сме дома, сакам да си одиме дома - продолжи таа мислејќи дека и тој е во сонот.
- Па каде сме? - беше љубопитен. Нејзините сонливи испади секогаш го интригираа.
- По хотели... - рече тажно, се шушна во него како да ја бара целата заштита што овој свет има да ја понуди и повторно заспа.
                                                                           ***
Кога се разбуди тој и ја раскажа случката. За него ова беше една анегдота, еден безопасен сон. За неа не беше сон, беше реалност. Тој беше дома можеби, ное не и таа. Да бидеме искрени, во таа чудна транзиција, кога кај твоите си дете, кај неговите снаа а со него жена...што си ти всушност? Кога „дома“ станува кај твоите, кај него дома останува кај него дома а ти немаш дома, каде живееш? Одговорот е...по хотели. По мали соби послани со надеж, по одмори полни соништа. Пет дена збунета, два дена своја. А во недела....во недела погледнуваш во часовникот и го гледаш својот најголем непријател - времето...доаѓаш ни на небо ни на земја, назад со куферчето што секогаш ти е спремно за некое ново место послано со надеж...
Додека, домовите стануваа хотели а хотелите домови, додека јас лежев во мојот „момински“ кревет без тебе, додека тие десетина викенди се подготвуваа да ми ги земат последните сили, додека јас и ти се обидувавме да заспиеме, баш во тој момент се сакавме многу повеќе од многу повеќе. И на крајот, тоа беше единствената вистина во мојот свет на измешани улоги.
                                                                           ***
Ги отворив очите...ништо не препознавам...колку е часот, кој ден е, каде сум...и полека почнав да се враќам во реалноста. Го видов нашиот кревет, косите ѕидови, кровните прозорци...полека почнав да се симнувам по извртените скали барајќи го мојот последен доказ...некаде помеѓу останатите кутии и куфери го видов...
- Добро утро љубовно...стана пред време, мислев да го направам кафето прво па да те разбудам. Ти се верува дека конечно живееме заедно?
- Не...кога ќе ми се верува ќе ти кажам - се насмевнав божем е шега. Многу бев сериозна, ништо од тоа не ми се веруваше.
Не ми се веруваше ни во следните утра, ни кога тргнав на работа, ни кога ги плативме првите сметки...



Речиси четири месеци подоцна, во еден убав сончев ден од прекраткиот викенд, се разбудив и се симнав по скалите. Веќе во главата правев план за денот, го очекував кафето што веќе знаев дека го подготвил...од секогаш сум била спанка а тој никогаш не најде сила да ме разбуди. Излегов на терасата, вдишав длабоко и се насмеав. Ништо веќе не е чудно, конечно. Дури и на пеењето на птиците се навикнав...
- Сега дури ми се верува...- почнав да се кикотам.
- Нели? - знаеше точно на што мислам, како и секогаш...
Од тој ден новиот хотел конечно стана дом...наш дом..и од тогаш ништо не се смени и многу работи се сменија...a се уште се сакаме многу повеќе од многу повеќе...