"Направи го првиот чекор...пукни прв."

Не можам да разберам...како не им се одзема воздухот кога се креваат против некој ни малку сличен на себеси, ниту по возраст, ниту по сила ниту по функција а сепак еднаков пред светот...барем она нормалното што остана од него. Барем јас и вие што го читате ова...бидејќи изгледа само уште ние останавме, да ве прашам:
Ја ли сум наивна или светов се мрдна?
"Непристрасни" новинари, самообземени политичари, лудаци шофери, очајни индивидуи со уште поочајни решенија. Искривени огледала и ретуширани слики ги отапуваат сетилата а лажните вредности имаат улога да ја осветлуваат темната реалност додека тие штедат на улични светилки а ние се прашуваме кој е овој град што веќе не се ни препознава? Која е оваа држава каде што само одличните треба да возат, каде што со електрошокови се казнуваат "непријателите на спомениците" ?
Се борат за влез во фиктивни утопии кои ниту не сакаат ниту им требаме а забораваат дека од време на време треба да се преиспитаат и уште еднаш да проверат кои се нашите чувари на редот, мирот, законот, децата, улиците...оние сини духови што даваат казни и имаат дрскост да живеат гратис? Или оние новопечени бранители кои во наплив на гнев пресудуваат место Бог? Можеби треба да ја прашаме нашата челична барокна рака...можеби ова е уште еден проект..."Направи го првиот чекор...пукни прв."

И не можам да разберам...како не им се одзема воздухот...
Ја ли сум наивна или светов се мрдна?


Сеќавање

Се сеќавам дека бев мала и мислев дека татко ми е Супермен.
Се сеќавам дека многу сакав да бидам голема.
Се сеќавам дека се срамев од рефренот на "Корпичка".
Се сеќавам дека никогаш не бев сама.
Се сеќавам дека сакав петлиња од прегорен шеќер.
Се сеќавам на првиот положен испит.
Се сеќавам колку ми беше лошо од првата цигара.
Се сеќавам дека сакав да играм.
Се сеќавам на првата бела ноќ.
Се сеќавам дека не ми беше страв од длабока вода.
Се сеќавам кога се учев да се шминкам.
Се сеќавам дека сакав да одам пешки.
Се сеќавам кога прв пат плачев пред тебе.
Се сеќавам на тајното катче позади Војна болница.
Се сеќавам дека се сакав себе.
Се сеќавам дека те сакав тебе.

Се сеќаваат други дека сум била среќна...а мене баш тоа ми е како низ магла...

Прв пат


Почнав да пишувам еднаш...пишував без да можам да застанам, без да прашам, без да прочитам и без да споделам. Пишував додека целата мака не искочи, целиот снег не се истопи и додека сите улички не ги земаа сеќавањата. Тогаш престанав, сите спомени им ги препуштив и мислев дека никогаш веќе нема да имам што да кажам. Арно ама, ноќва, додека Скопје штеди и темните улички немаат свое јас, секоја од нив пак ми позајмува по некој прв пат...уличката на првите пријатели кои се изгубија со ветувањата за подобро утре, патчето накај првата љубов и меше полно пеперутки, булеварот на првото раскинување и грутки во грлата. Гушат сеќавањата на овие улички додека шлапкам во остатоците од снегот...пак морам нешто да напишам.  Можеби нема секогаш да има смисла и можеби нема секогаш да биде добро ама важно оваа збирутија од шкртаници ќе биде мојот нов прв пат...почнав послободно да дишам откога се што е собрано во мене искача на хартија. Многу пријатели избледеа и многу љубов се излеа на овие улици, премногу за да останат само во мојата глава..премногу за никој да не знае. Идеите што ги сонувавме и кошмарите во кои се разбудивме,  ним ќе им го посветам својот нов прв пат на хартија. Животот на кој се надевавме и оној за кој се изборивме.
И додека ни сама во себе не сум сигурна, прочитај го ова барем еднаш и кажи ми: нели е подобро да пишуваш отколку по стотти пат да мислиш на секој свој прв пат во животот?