Чеиз

- И мајка ми чувала чеиз за мене толку години ама џабе, кога јас никогаш ништо не искористив. Ништо од тоа повеќе не беше во мода и не ми се допаѓаше. Јас на ќерка ми нема да ѝ чувам, кога ќе дојде моментот, ќе ја прашам што сака и ќе ѝ купам. - рече мајка ми, пивнувајќи од кафето, додека со тетка ми зборуваа за старите обичаи. Ова беше една од тие типични собиранки во која децата беа неми набљудувачи а мајките задолжително зборуваа за свадби, породувања како и животите на заедничките роднини. На нејзиното лице во тој момент можев да видам дека се обидува да се сети на сите оние постелнини, везови, ќебиња кои никогаш не ги отвори...
- А што е тоа чеиз? - ме погледна малото човече со костенливи крупни очиња, видно зачуден од тој збор.
- Чеиз е тоа што мајката ѝ го дава на невестата за да го понесе со себе во својот нов дом...- му одговорив, сомневајќи се дека ова објаснување можеби и не беше доволно за детенце од 5 години.
- Аааааа...- рече и се подзамисли.
- А може тогаш јас тебе да ти бидам чеиз? - праша онака како што само мало детенце знае да праша. Штом го слушнаа, мајка ми и тетка ми слатко се насмеаа...јас останав нема...насмеаното лиценце, во само неколку мига, стигна сто чекори пред мене и којзнае колку години во иднината и го најде решението...така никогаш нема да се разделиме...

Дечкото што стоеше пред мене имаше осумнаесет години...беше една глава повисок од мене, имаше темна костенлива коса, носеше морнарско сино сако, светла кошула и сини панталони...ама ги имаше истите костенливи очиња. Додека се гледаше во огледалото обидувајќи се да одлучи дали ова е тоа што го сака за својата матура, јас седев и бев нема исто како и пред 13 години...се сетив на малото човече што го носев во градинка и кога ќе го земев немаше посреќно дете од него. Се сетив на првите домашни, првите другари со кои се скара, првата девојка, првото раскинување...пред мене ја запали првата цигара, јас ги знаев сите негови оценки, седев со него до доцна зборувајќи глупости....како дете спиеше кај мене во кревет кога му беше страв а кога заспиваше во дневна само јас смеев да го разбудам за да си легне во неговиот кревет....јас го земав од Матка во 6 сабајле после долга журка. Тој дечко што сега стои пред мене е мојата најголема љубов. Но, не само љубов, сите овие години тој беше моето сè...мојата најголема потпора, мојот најдобар заштитник и мојот најголем советник. И тој мене ме трезнеше, ме криеше кога се враќав касно навечер, ме тешеше и ме спасуваше со самиот факт што ќе се насмееше...тој дечко ги знаеше сите будали што ме расплакаа...знаеше и што точно би им направил, само мал беше...не се каравме, никогаш никој никого не удри и заедно поминавме неколку шеги на животот што ниедни деца не би требало да ги поминат...Имавме договор: никогаш не се лажеме, кога и да си требаме, ако треба ќе се нацртаме...и колку години и да поминат, тоа нема да се смени. Ниедна матура и ниедна свадба тоа нема да го смени...ама сепак, ваквите моменти ја прават онаа грутка во грлото што никако да ја голтнеш...таа излегува само со плачење...

- И, што мислиш? - како и секогаш искрено го бараше мојот совет...се сепнав и се вратив тука, пред огледалото...тринаесет години подоцна, јас бев таа што сакаше еден ден тој да ѝ биде чеиз...