ТОЈ

Да знаев дека ќе те сретнам најверојатно немаше да дозволам толку да ме истоштат сите оние луди човечиња кои поминаа низ моите денови, на кои им посветив премногу внимание, сите битки кои ги водев и јас со некои свои ветерници...ќе си знаев и ќе те чекав тебе.



Штета што никогаш не знаеш кого ќе сретнеш...така кога ќе ти се причини дека дедо Боже е презафатен за тебе и те заборавил наместо да се нервираш ќе се насмееш и ќе си речеш: Па и да почекам, не е важно зошто знам дека ќе дојдеш...А вака, кога се чуствуваш заборавено, кога не плачеш ама цело време плачеш, кога ти се чини дека целиот свет има своја приказна во која ти немаш никаква улога си викаш: Навикни се, изгледа ќе станува само полошо...И така некако завршуваш живеејќи туѓи животи и окупирајќи се повеќе со туѓите грижи бидејки за твоите и онака немаш што да направиш, вака барем некому некако ќе помогнеш. Деновите си одат, а ти чекаш да почне...твојата сопствена главна улога...твоите пет минути...твоето филмско сценарио...ама исто како да го чекаш Годо...никако да дојде. И после си коваш животен план кој вика дека нема веќе да сакаш, дека никогаш нема да се потрудиш и дека никој не ти треба...и така си тераш, полна заблуди.

Одеднаш, дедо Боже ќе се врати од одмор и знаеш како викаат: ти планираш, Господ ти се смее...Па така една вечер ќе те натера да излезеш и ќе ти ги сруши сите планови како кула од карти...навидум сè личи на една од тие добро познати бадијалџиски ноќи..ама не е. После пет дена планираш викенд, после два месеци планираш одмор, после четири планираш свадба, после шест планираш деца....и додека да трепнеш, некој таму горе решил да те сака па да ти надомести за сите изгубени години со едни шест најубави месеци...па тие шест месеци се претвораат во ветување за цел живот...Застануваш еден момент па си викаш: Абе да не е ова некое зезање? Да не е оваа среќа уствари скриена несреќа? Ти се прашуваш а некое гласче во тебе ти вика...погледни го...ова не е лажење, ти гледаше лаги повеќе и од што треба и од што сакаш...погледни го, ова не е едно од тие луди човечиња, ова е ТОЈ. И, ете почна, дојде време...ова е моето филмско сценарио.

И сега се будам со твојот лик наутро и си викам: Ааааа, значи вака изгледа животот кога е само твој...кога е совршен заедно со целиот хаос што го носи со себе. Вака изгледа да потскокнувам од радост секогаш кога ќе видам дека си ми пишал. Вака изгледа да уживаш со некого и во воскликот и во тишината и сета потреба за терапија што си ја насобрала низ годините да се реши со бакнеж, со прстен, со ветување...И што си го губев времето до сега, што не те запознав порано? Ама не, тогаш јас немаше да сум јас и ти немаше да си ти...сепак, барем да знаев дека ќе дојдеш.

Совршен е животот каков што е сега. Совршен ќе биде ако вака остане. Јас ќе сум совршена само ако ти останеш...

Штета што не знаев дека ќе те сретнам...ќе си ги чував нервите повеќе, ќе се чував себеси повеќе, ќе чував од се повеќе...за тебе и за нашите деца.