Прва


Никогаш не се замарав многу со фактот да сум прва... Не ми требаше да сум прва во средно, не се замарав дали ќе сум прва на некоја си журка, не сакав да знам кој на кого во животов ќе му биде прв за било што...до еден момент кога разбрав дека нема да сум прва за нешто за што никогаш не сум ни помислила дека ќе бидам втора... а дури и во тој момент не обрнав многу внимание.
Ја испив пијачката во еден здив кога се соочив со првата...сега веќе не е ни важно, си реков, никој не ми е закана знаев...ама пак...
Некако тешко ми беше да дишам и сакав повеќе да пијам и никако да разберам од каде целата таа тежина во воздухот кога за ова веќе знаев...ми беше кажано... и мислев дека не ми е воопшто важно.
Знам дека забележа, мојот лик се менува и не можам да си помогнам. И знам дека не е важно и дека личи безначајно и крајно будалесто... но, некогаш ни јас не знам како овој мој ум работи. Или можеби не е умот тој што работи тука...работат сите мои добро познати ирационални стравови. Сите мои прашалници...
И потоа те допрев...целиот филм се премота, сите моменти навираа одеднаш како аларм кој вриштеше и викаше разбуди се, ништо од тоа што го мислиш не е вистина!

Слушајќи го звукот на сопствените штикли по темната уличка мислите се разбиструваа...алармот згасна, разумот преовлада и ирационалните стравови се повлекоа таму од каде што дојдоа...од никаде. Една мисла реши сè... ништо не е важно се додека сум последна.