Знаеш ли?

Ако ме сакаш, треба да знаеш:

Јас сум таа што ќе те поттикне да победуваш, што ќе те смири кога ќе губиш и што вечно ќе тврди дека за неа е важно што учествуваш. Можам да навивам за твојот тим бидејќи те сакам и очекувам да го гледаш мојот омилен филм затоа што ме сакаш. Никогаш не би ти се налутила сè  додека паметиш како и каде ме запозна...датуми не ми требаат.
Сакам да играм со тебе додека не ми се заврти во главата, барем еднаш. Можам да ти ги подарам најбурните ноќи ако ми ги подариш најмирните сништа. Ветувам дека ќе те пуштам во сите мои зандани и ќе ти ги покажам сите темни ќошиња ако ветиш дека секогаш ќе најдам сонце во твоите очи. Ќе верувам дека си невин сè  додека не ми го докажеш спротивното. Никогаш нема да излажам. Штом те засакам сметај дека сум ти верна...засекогаш.
Ќе те сакам небричен, поспан, мамурен, пијан и тажен сè додека ме сакаш ненашминкана, настината, плачлива, тврдоглава и во ПМС. Можам да ти дозволам да ме заштитиш само ако не ме присилиш да признаам дека ми треба заштита...
Сакам да ме заведеш со песните на Френки...сакам појадок во кревет...сакам да сакаш јас да возам, сакам да си на моја страна, сакам да чуваме куче...сакам да флертуваме и после десет години...сакам да ме импресионираш и да се бориш...за себе и за мене...сакам да ми дадеш слобода за никогаш да не помислам да ја загрозам твојата...сакам да не се плашам без тоа да ме прави помалку жена и сакам да ми кажеш од што се плашиш без да мислиш дека тоа те прави помалку маж.
Ќе ти ја дадам душата ако не ми го скршиш срцето и ќе ти го скршам срцето ако се обидеш да ми ја земеш душата. Ако ме натераш да те напуштам, ќе бидам твојот непребол...
Ама, да не се лажеме, реков дека ќе те сакам каков што те знам, затоа пази во што ќе се претвориш.

Ако сеуште ме сакаш, веќе сè  знаеш...

Мојата најдобра


Драга моја,

Веќе долго време ме нема...ни во твојот а, богами, ни во мојот живот. Ама денес решив, ќе ти пишам. Знам дека многу долго време помина од времето кога на пат накај твојата зграда купував топли переци...рано сабајле пред втора смена у средно. Тогаш кога имавме по најмалку тројца симпатии за кои може да си гледаме на кафе, кога игравме пред телевизор гледајќи спотови на MTV, кога тајно пушевме цигари у твоето купатило, кога почнувавме да се спремаме за у диско од 6 и покрај тоа што искачавме у 9, кога поим немавме колкава е цената на бензинот, кога по телефон си раскажувавме филмови. Се сеќаваш колку беше лесно? А тогаш мислевме дека најголем проблем е што географија може да те крене на табла...Еј, абе знаеш дека секогаш кога ќе поминам покрај тој кафичот у Охрид на нашиот прв одмор ми текнува? Тогаш испушивме доволно цигари за цела година, се изнасмеавме за да поживееме некоја уште некоја плус и плативме за Bacardi Breezer доволно за да си купиме уште по две у продавница. И сеуште си единствената што ја познавам што плачеше на цртани...единствената што ме криеше и што ја криев во вкусувањето на сите забранети овошјенца, единствената што беше најдобра. А со тебе и времето беше подобро и раскинувањата беа полесни и средното беше сон и делумно поради тебе денес сум се она што сум.
И покрај ризикот да звучам патетично сакам да знаеш дека ми е жал...жал ми е што тргнавме на различни факултети, што почнавме да слушаме различна музика, што имаме различни амбиции...жал ми е што свртевме на различна страна на таа раскрсница. Само толку треба, една раскрсница. Еден чекор го почнува целото патување...еден приемен па една нова група па еден чуден дечко па една нова работа. После некако не е исто. Други работи те болат, други работи те смеат, други луѓе те тешат. И после некое време, долго време, а уствари додека да трепнеш, се гледаш у огледало и од таму те гледа некој друг лик. Некој лик со друга коса, друга шминка, други мислења, други обврски, други приоритети...ама јас уште памтам и уште сакам. Сакам да седнам со тебе една цела вечер и да плачам, сакам да излезам и со тебе да прославам што може да си дојдам дома кога сакам за разлика од средно, сакам со тебе да одам на викенд сега откако не ги криеме цигарите, сакам да стои пактот за старосватици. Многу сакам да мислам дека и ти се ова го сакаш а најмногу сакам да си среќна.
И додека патувам во себе, се сеќавам совршено на нас. Дури за некои работи денес што ги правам знам што би ми рекла. Некогаш се случува и да те послушам. 

Можеби пак ќе се појави некоја раскрсница на која ќе свртам накај тебе овојпат...којзнае?



Времеплов


Време: Минато
Место: Твојата улица

Одам по оваа улица од кога можам да се сетам. Тука има чекори од нас како деца. И сега пак...Знам дека ме чекаш. Сега откако се врати личи како само мене да ме чекаш. А јас никогаш посреќна. Ете си, стоиш и ме гледаш како доаѓам. Ги забрзувам чекорите и секогаш како да е прв пат, се бесам околу твојот врат и по тоа колку ме стискаш знам дека и јас сум ти фалела...Таа твоја соба е свет сам за себе. Во овој свет секогаш свири блуз, секогаш има пиво, филмовите секогаш се гледаат само до пола, левата страна од креветот е секогаш моја. Длабоки муабети, планови, блуз и тишина...пак се раздени. Сега пак сум на твојата улица, низ главата ми се сите среќни мисли на светот. И додека чекорам како да лебдам, помислувам: Каде и да сум јас, таму да си и ти...секогаш.


Време: Сегашност
Место: Некаде во мојот ум

Ми кажаа дека доаѓаш...и сега? Замисли си, ќе стоиме како странци...ќе кажуваме дека се знаеме од маало. Каква патетика. Како воопшто мислиш дека ова ќе функционира? Ќе треба да те гледам секој ден, без да сакам ќе знам што правиш, со кого си...Секогаш кога ќе бидам сведок на некоја од твоите за мене добро познати навики, ќе се смешкам во себе како да ја знам најголемата тајна. Па што ако за нив си најдобар? За мене си најлош. Знам и зошто.Бидејќи и покрај мојата тврдоглавост ќе се ежам на твојот глас во позадината. И покрај мојата лутина срценцево ќе ми прескокнува секогаш кога ќе те сретнам во ходник. И ќе се нервирам секогаш кога ќе ми ја довршиш реченицата за да докажеш дека најдобро ме знаеш. Затоа си најлош. Бидејќи твоето присуство обично има моќ да го врати времето. И јас пак ќе ги имам истите прашалници во главата а ти пак ќе ја имаш истата нерешителност поради која и воздухот стануваше тежок кога бевме заедно. Истата таа поради која веќе не сме ништо. А таман се навикнав да поминувам кај тебе на улица без да се надевам дека ќе те сретнам. Таман заборавив кој ме навлече на блуз...Иронијата е што еднаш, одамна, некаде на твојата улица, јас те повикав тука...