Прв пат


Почнав да пишувам еднаш...пишував без да можам да застанам, без да прашам, без да прочитам и без да споделам. Пишував додека целата мака не искочи, целиот снег не се истопи и додека сите улички не ги земаа сеќавањата. Тогаш престанав, сите спомени им ги препуштив и мислев дека никогаш веќе нема да имам што да кажам. Арно ама, ноќва, додека Скопје штеди и темните улички немаат свое јас, секоја од нив пак ми позајмува по некој прв пат...уличката на првите пријатели кои се изгубија со ветувањата за подобро утре, патчето накај првата љубов и меше полно пеперутки, булеварот на првото раскинување и грутки во грлата. Гушат сеќавањата на овие улички додека шлапкам во остатоците од снегот...пак морам нешто да напишам.  Можеби нема секогаш да има смисла и можеби нема секогаш да биде добро ама важно оваа збирутија од шкртаници ќе биде мојот нов прв пат...почнав послободно да дишам откога се што е собрано во мене искача на хартија. Многу пријатели избледеа и многу љубов се излеа на овие улици, премногу за да останат само во мојата глава..премногу за никој да не знае. Идеите што ги сонувавме и кошмарите во кои се разбудивме,  ним ќе им го посветам својот нов прв пат на хартија. Животот на кој се надевавме и оној за кој се изборивме.
И додека ни сама во себе не сум сигурна, прочитај го ова барем еднаш и кажи ми: нели е подобро да пишуваш отколку по стотти пат да мислиш на секој свој прв пат во животот?
 

No comments:

Post a Comment