Мојата најдобра


Драга моја,

Веќе долго време ме нема...ни во твојот а, богами, ни во мојот живот. Ама денес решив, ќе ти пишам. Знам дека многу долго време помина од времето кога на пат накај твојата зграда купував топли переци...рано сабајле пред втора смена у средно. Тогаш кога имавме по најмалку тројца симпатии за кои може да си гледаме на кафе, кога игравме пред телевизор гледајќи спотови на MTV, кога тајно пушевме цигари у твоето купатило, кога почнувавме да се спремаме за у диско од 6 и покрај тоа што искачавме у 9, кога поим немавме колкава е цената на бензинот, кога по телефон си раскажувавме филмови. Се сеќаваш колку беше лесно? А тогаш мислевме дека најголем проблем е што географија може да те крене на табла...Еј, абе знаеш дека секогаш кога ќе поминам покрај тој кафичот у Охрид на нашиот прв одмор ми текнува? Тогаш испушивме доволно цигари за цела година, се изнасмеавме за да поживееме некоја уште некоја плус и плативме за Bacardi Breezer доволно за да си купиме уште по две у продавница. И сеуште си единствената што ја познавам што плачеше на цртани...единствената што ме криеше и што ја криев во вкусувањето на сите забранети овошјенца, единствената што беше најдобра. А со тебе и времето беше подобро и раскинувањата беа полесни и средното беше сон и делумно поради тебе денес сум се она што сум.
И покрај ризикот да звучам патетично сакам да знаеш дека ми е жал...жал ми е што тргнавме на различни факултети, што почнавме да слушаме различна музика, што имаме различни амбиции...жал ми е што свртевме на различна страна на таа раскрсница. Само толку треба, една раскрсница. Еден чекор го почнува целото патување...еден приемен па една нова група па еден чуден дечко па една нова работа. После некако не е исто. Други работи те болат, други работи те смеат, други луѓе те тешат. И после некое време, долго време, а уствари додека да трепнеш, се гледаш у огледало и од таму те гледа некој друг лик. Некој лик со друга коса, друга шминка, други мислења, други обврски, други приоритети...ама јас уште памтам и уште сакам. Сакам да седнам со тебе една цела вечер и да плачам, сакам да излезам и со тебе да прославам што може да си дојдам дома кога сакам за разлика од средно, сакам со тебе да одам на викенд сега откако не ги криеме цигарите, сакам да стои пактот за старосватици. Многу сакам да мислам дека и ти се ова го сакаш а најмногу сакам да си среќна.
И додека патувам во себе, се сеќавам совршено на нас. Дури за некои работи денес што ги правам знам што би ми рекла. Некогаш се случува и да те послушам. 

Можеби пак ќе се појави некоја раскрсница на која ќе свртам накај тебе овојпат...којзнае?



No comments:

Post a Comment